Магичниот oстров Сирос во Грција

Магичниот остров Сирос се наоѓа во срцето на Кикладите во Егејско Море. Иако не е толку популарен како Миконос и Санторини, сепак островот во последно време ги освојува и привлекува туристите. Лоциран е на само 150 километри југоисточно од Атина, островот Сирос е жив и енергичен во сите годишни времиња, не само во летната сезона. Секој што еднаш го посетил ова место, се согласува дека овој остров е толку магичен што ќе ве натера да се вратите повторно за да уживате во совршенството со коешто зрачи ова место.

Сирос има интересна и разновидна историја, а споменат е дури и во Хомеровата „Одисеја“. Главниот град на островот, Ермополи, бил првиот значаен индустриски и трговски центар во 19. век во земјата. Поради одличното стопанство го нарекувале „грчки Манчестер“. Планинскиот северен дел на островот се вика Апано Мерија, и  е идеален за истражување: неговите патеки водат до беспрекорни и тешко достапни плажи на островот преку прекрасен карпест пејзаж полн со пештери и мали мостови.  Додека пак рамнините на јужниот дел го сочинуваат повеќето населени места, села и плажи на островот. Јужниот дел на островот е идеален за возење неговите поплочени патишта ги поврзуваат селата едни со други, како и Хермополис.


Кога ќе зачекорите по стрмните улички на населбата Горен Сирос ќе ви биде јасно зошто е ова место вистински рај на Земјата. Неговите одморалишта се карактеризираат со добро развиена туристичка инфраструктура со модерни хотели и убави плажи кои нудат секакви погодности за уживање. Сирос има врвни плажи кои се чисти и тивки меѓу овие плажи се: Галисас, Агатопес и Делфини.

Жителите на островот се горди и работат на тоа да го задржат непроменет овој остров. Сите патишта, улици и плажи се секогаш тивки и мирни, храната е богата и превкусна со многу свеж зеленчук и ароматично сирење. Цените се прилично ниски во споредба со околните попопуларни острови, а старите куќи со високи плафони се претворени во модерни и удобни бутик хотели. Мачките ги украсуваат улиците на островот, а мирисот на цвеќе и маслиново масло веднаш ќе ве опушти и ќе ве натера да се чувствувате релаксирано.


Она што секако ја крева вредноста на Сирос е сликата „Успение на Пресвета Богородица“ на Ел Греко што се наоѓа во истоимената црква во центарот на Ермополи. Се смета дека сликата била насликана во 1566 година, а на Сирос била донесена од мигранти за време на грчката војна за независност. Јавноста дозна дека се наоѓа на Сирос дури во 1983 година, а наоѓањето на сликата помогнало во откривањето на раните фази од творештвото на Ел Греко.

Најнови патувања