Побегнете од реалноста!

Последните објави
Top

Aнадолу: Во Истанбул се подготвува отворањето на големата џамија „Чамлиџа“

Станува збор за нова џамија која е сместена на брдото Чамлиџа, на азискиот брег на Босфорот. Изградена во османлиско-селџучки стил, со елементи на модерна градба и поради изгледот и положбата веќе претставува впечатлив симбол на градот на Босфорот, пишува Анадолу Ајџенси.

Во Истанбул се подготвува отворањето на големата џамија „Чамлиџа“

ИСТАНБУЛ (АА) – ЧИГДЕМ АЛЈАНАК –

Работите на изградбата на џамијата „Чамлиџа“ во Истанбул се приведуваат кон крајот, па најголемата џамија изградена во Турција за верски обреди ќе биде подготвена за две до три недели, пишува Anadolu Agency (AA).

Станува збор за нова џамија која е сместена на брдото Чамлиџа, на азискиот брег на Босфорот. Новата џамија е изградена во османлиско-селџучки стил, со елементи на модерна градба и поради изгледот и положбата веќе претставува впечатлив симбол на градот на Босфорот.

Репортерската екипа на АА го посети местото и ги сними завршните работи на сите полиња, со оглед на тоа што до отворањето на џамијата останаа само неколку дена.

Импозантниот комплекс, покрај џамијата, содржи и музеј, уметничка галерија, книжарница, конференциска сала, уметничко ателје и голем паркинг.

Челникот на Здружението за изградба и зачувување на џамиите и културата на Истанбул, Ергин Кулунк, за АА истакна дека камен-темелникот за изградба на џамијата „Чамлиџа“ е поставен на 6 август 2013 година, а дека денес може да се каже дека изградбата на комплексот е завршена и дека останати се само одредени финеси за завршување на целиот комплекс.

„Паралелно со џамијата, изградени се и придружни објекти, како и уредување на пејзажот и рекреацискиот парк на површина од 80 – 90.000 метри квадратни. Изграден е и тунел кој ќе го олесни пристапот за возилата. Вложуваме максимални напори до крајот на месецот да можеме да кажеме дека комплетниот проект е успешно завршен“, рече Кулунк.

Истакнувајќи дека желбата била џамијата да биде изградена во турски стил, Кулунк рече дека на конкурсот е избран проектот на две архитектки кој дополнително е доработен, така што џамијата претставува дело на османлиско-селџучката, но и на модерната архитектура.

„Станува збор за класична џамија и проект кој од почетокот е замислуван како продолжување на делата на Мимар Синан. Џамијата е инспирирана од делата на Синан, но не е нивна копија. Моментално, тоа е најголемиот проект кога станува збор за постоечките џамии во Турција“, рече Кулунк.

Димензиите на џамијата се полни со симболика. Храмот има шест минариња, кои ги претставуваат иманските шарти, односно шесте столба на исламот. Четири се високи по 107,1 метар, а два столба се високи по 90 метри.

Главната купола на џамијата е висока 72 метри и ги претставува 72-те нации населени во Истанбул, додека другата купола висока 34 метри ја симболизира регистрациската ознака на градот Истанбул. Во внатрешноста на куполата напишани се 16 Алахови имиња, а на површината од 220 метри ќе биде испишана куранската сура Ал Фетх.

На впечатливата влезна врата на џамијата испишани се одредени ајети (стихови) од сурата Али Имран.

Џамијата може да прими 60.000 верници (околу 25.000 во внатрешноста, 12.500 во дворот и околу 22.500 во надворешниот двор).

Во џамијата е можно истовремено да се клањаат осум погребни намази (молитви).

Иако сѐ уште во употреба е проектното име „Чамлиџа џамија“, овој верски комплекс на денот на свеченото отворање ќе добие ново име, а се очекува новото име пред јавноста да го соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Извор: Анадолу Ејџенси (https://www.aa.com.tr/mk)