Menu

Шарениот остров е новиот рај во Грција


Се ближи лето и треба да се донесе одлука која дестинација да се посети оваа година. Некои бираат веќе проверено и посетено место за одмор, додека некои сакаат да посетуваат и истражуваат различни дестинации секоја година зависно од желбите и преференциите. Ако се уште не сте одлучиле каде да одите на одмор ние како предлог за Вас го имаме рајот во Грција, познатиот остров Милос.


Милос уште познат и како “Шарениот остров” е најјугозападниот во групата Кикладски острови на само 200 километри од Атина и на 120 километри оддалеченост источно од брегот на Лаконија. Острoвот се протега на површина од 151 километар квадратен и е вулкански и карпест остров познат по необичните форми на карпите кои се како вајани фигури. Главен град е Плака кој постои уште од средниот век, и на туристите им нуди величенствен поглед. Исто така познат е и по статуата на грчката божица на убавината и љубовта – Venus de Milo која е откриена токму на овој остров и пренесена во музејот Лувр. Остров со посебна архитектура исполнет со бајковити сино-бели куќички и уникатни бели карпи.


Од страна на Грчката ортодоксна црква, овој остров е прогласено за Свет, бидејќи токму тука се пронајдени христијанските катакомби од првиот век од нашата ера и заедно со римските се венчани со нај значајните предмети од раното христијанство. Катакомби биле користени до 5 век во времето на прогон на првите христијани, служеле за молитва и погребување. Постојат вкупно три катакомби со многу мали и големи ходници во вкупна должина од 200 метри. Проценето е дека повеќе од 2000 христијани биле погребани во нив. Само дел од катакомбите денес се отворени за посетители, островот има 140 цркви и капели.


Милос брои околу 75 плажи, по што се издвојува од oстанатите Кикладски острови. Нај долга и нај позната е плажата Хиладолимни, голем дел од плажите содржат сив песок, а калеидоскопската боја на Милос се менува како последица на вулканската активност, и не е чудо што ова е најубавиот остров во светот. Предлог плажи кои мора да ги посетите се: Саракинико, Папафрагас, Фиропотамос, Неродафни, Лакида, Платхиена, Арети, Полониа, Гоурадо и Филакопи. Овој уникатен и сеуште недоволно откриен остров за туристите ќе ги направи вашите летни спомени и фотографии незаборавни.


Милос има интригантна историја, маѓепсувачка природна убавина и отскокнува од секој шаблон каде што владее масовно туристичко лудило. Познат е и по одличната храна, но и многуте таверни, продавници, шеталишта… не очекувајте премногу од ноќниот живот, тој дефинитивно не е бурен како на Миконос, но доколку сакате мирен одмор со кој ќе си ја наполните душата, тогаш Милос е вистинско место за вас.

Најнови патувања