Археолошки локалитет Куклици, Кратовско

Ова е уште еден доказ дека нашата прекрасна земја е полна со чуда. Народот со своите преданија скроил приказни што до денешен ден опстануваат на овие простори и се пренесуваат од колено на колено, меѓу нив е и онаа за скаменетите свадбари. Камените кукли познати уште како скаменетите свадбари се геолошкиот резерват т.е. карпести образби кај село Куклица, Кратовско. Поточно десната долинска страна на Крива Река на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Овој локалитет е стар над 50 илјади години. Целата појава е распространета на површина од околу 300-400 метри, при што се утврдени околу 120 помали и околу 15 поголеми образби.

Во наоѓалиштето има две групи на земјени пирамиди: едните се оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица и се високи до 10 м самостојни и се во вид на земјени столбови, другите пак се на десно од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали образби високи до 5 м. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“, целата појава луѓето уште ја нарекуват  „Весела свадба“.


Камените кукли се природен феномен, а настанале под влијание на долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Поцврстите, карпи бавно се еродираат и ги штитат меките туфови под себе. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да штрчат во релјефот во вид на остенци и столбови, односно земјени пирамиди. Долготрајните атмосферски влијанија ги доизградиле, моделирале, модифицирале и затоа тие имаат карактеристичен облик. Овие процеси на модифицирање продолжуваат и денес така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите го менуваат својот облик но тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година.

Меѓу странците овој локалитет е познат како Камениот град, кого го прати интересна легенда, која никого нема да ве остави рамнодушни и ќе ве натера да го посетите овој локалитет.


Легендата за камените кукли вели: Многу одамна во селото Куклица живеело едно момче, кое било голем мајстор ѕидар на куќи, а воедно бил и голем лажго и љубовџија. Во селото имало Горно и Долно маало, а имало и две моми Стојанки. Стојанка од горното мало која била убава сиромаша девојка била вљубена во мајсторот, кој и ветил дека ќе се земат и и закажал свадба. Но тој во последен момент решил да се ожени со Стојанка од долното маало која била многу богата но не била убава. Стојанка од Горно маало на тој ден ги чекала сватовите и кога ѓи слушнала тапани и гајди, се зачудила зошто сватовите не дошле кај неа, па затоа решила да слезе во Долно маало и да провери што се случува.  Која таа ја видела свадбата и сфатила дека мајсторот решил да ја земе побогатата Стојанка се разочарала и фрлила клетва. Клетвата гласела: „Да даде Господ сите да се скамените во моментот кога ќе ја бакнеш другата место мене!”. Точно во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната и излажана девојка.

Најнови патувања