Предлог 5 дестинации кои ќе ви го вратат духовниот мир и спокој

Слободни сте за викенд и се мислите каде да прошетате? Ние за Вас подготвивме листа на манастири кои би можеле да ги посетите за време на викенд. Доколку овој викенд веќе ви е испланиран идните може да ги искористите и да посетите некои од манастирите во блиските земји. И да се вратите со духовен мир и спокој


Острошкиот манастир
Кога ќе се спомене Острог, веднаш се помислува на место на кое се случуваат чуда и на еден од нај посетените светилишта на Балканот. Острошкиот манастир е засолниште на илјадници верници кои секојдневно трагаат по внатрешен мир, здравје и среќа. Манастирот Острог е сместен во карпестиот дел на Црна Гора издлабен во големата карпа на Острошка Греда на 900 метри надморска височина. Манастирот е дом на еден од најголемите светци во православната вера Василиј Острошки. За него се знае дека откако се замонашил сосема се посветил на Бог и неговата верба никогаш не исчезнала. Василиј Острошки им помагал на болните, ги лекувал и повторно ги кревал на нозе и тоа во опасни времиња и со постојани закани од турските власти.   Нај впечатлив дел од манастирот е Горен Острог, каде се сместени две мали цркви: горна – Црквата на светиот крст каде што лежат и моштите на Свети Василиј, и втората долна посветена на Воведение на Богородица кој се наоѓа околу црквата на Света Троица што е изградена во 1824 година. Во овој манастир постои традиција според која аџиите да одат по 3км од долниот манастир до горниот манастир боси и пред да влезат во црквата се молат пред Свети Василиј Острошки, аџиите прават донации за облека, ќебиња или потрошен материјал за монасите. Манастирот го слави својот празник на 12 мај секоја година бидејќи Свети Василиј починал на 29 април во православниот календар што е еднакво на 12 мај во грегоријанскиот календар.


Рилски манастир
Рилскиот манастир кој е сместен во подножјето на планината Рила во југозападниот дел на Република Бугарија, ќе ви обезбеди едно поразлично искуство. Манастирот е основан во првата половина на 10ти век од страна на светецот Св. Јован Рилски кој откако се населил во регионот, својот живот го посветил на молитви и пост. Рилски манастир е нај големиот и нај стар православен манастир на Балканот. Бил уништен од пожар во почетокот на 19 век, и повторно изграден помеѓу 1834 и 1862 година, манастирот претставува светско културно наследство на Бугарите, на што тие посебно се горди.
Рилскиот манастир е популарна туристичка дестинација која се протега на површина од 8800 метри квадратни и има уникатна архитектура. Однадвор изгледа како тврдина, има 24 метри камени ѕидови кои формираат неправилен петоаголник. Секој кој ќе влезе во манастирот преку железните порти се воодушевува од неговата архитектура. Во средината на дворот се наоѓа Кулата Хрелиов и главната црква Рождество на пресвета Богородица, камбанаријата е додадена во кулата во 1844 год. Храмот се состои од пет куполи, три олтари и два параклиси, нај вредното во црквата е иконостасот кој има неверојатна резба.



Бигорски манастир
Бигорски манастир Свети Јован Крстител се наоѓа  по течението на реката Радика во непосредна близина на селото Ростуше во Западна Македонија. Сместен во преубав природен предел исполнет со бујна шума и карпи од бигорен камен .Манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква.
Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион. Тој е првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време. Името на манастирот доаѓа од фактот што објектот бил изграден од бигор, манастирот го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Се верува дека во темелите на манастирот „Св. Јован Бигорски“ има дел од крстот на кој е распнат Исус Христос. Монашкиот живот во манастирот е обновен во 1995 година, со доаѓањето на сегашниот игумен Архимандрит Партениј. Денес братството брои околу 25 монаси, кои живеат според општежителните правила на Света Гора Атонска.
Манастирот Свети Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Иконостасот е поделен во шест хоризонтални појаси, а над нив се наоѓаат два реда икони – празнични и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст на којшто е претставено Христовото распетие, додека  на обете страни од крстот стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на свети Јован Крстител и Пресвета Богородица. Покрај иконостасот манастирот е познат и по иконата на Св.Јован Крстител за која се верува дека има чудотворна моќ.


Манастирот Панагија Фанеромени
Манастирот Панагија Фанеромени (Девица Марија) се наоѓа на пошумениот рид на западната страна од градот Лефкада и е еден од најстарите и најзначајните христијански споменици во Грција. Точната старост на манастирот не е позната, но според легендите се смета дека датира уште од времето на апостолот Павле. Порано на ова место се наоѓал храм посветен на Артемида изграден од бел мермер. Легендата вели дека еден од учениците кои биле испратени за да го шират христијанството во Лефкада го погледнал мермерниот храм клекнал пред него се помолил и храмот веднаш бил срамнет со земја од невидлива сила. Неколку години подоцна била подигната првата црква на тоа место, посветена на Богородица., а во 332 година кај црквата пристигнале првите монаси кои започнале да градат испоснички ќелии. Манастирот е единствен на островот во кој сѐ уште живеат монаси. Панагија Фанеромени е заштитникот на островот и многу од жителите го одбираат ова место за крштевање на нивните најмили.
Фанеромени  е отворен за посетители и место каде што барем за миг ќе почувствувате неверојатен мир, опкружен со прекрасна природа и величествен поглед. Токму затоа им препорачуваме на сите оние што ќе летуваат на Лефкада да одвојат неколку часа и да го посетат ова место.



Метеори
Метеори е уште еден комплекс на христијански манастири со зачудувачка местоположба. Се наоѓаат над гратчето Каламбака, недалеку од Кожани и Лариса, манастирите се изградени на врвовите на камени формации, а првиот од нив е изграден во 14 век. Околината на овие столбови била населена уште пред 50000 години, а некаде во 9 век една група на монаси се преселила на древните столбови. Монасите првин живееле в о дупките во карпите, а подоцна некаде околу 14 век почнале да се градат манастирите. Голем дел од нив достигаат височина и од неколку десетици метри. Комплексот е составен е од шест манастири, од кои пет се машки а еден е женски: Манастир Големиот Метеор е нај голем и нај стар од сите манастирите и датира од 14 век, Манастир Варлам е втор по големина манастир и датира од 16 век, Манастир Русана е именуван по пустиник кој се населил на овој ѕид, Манастирот Света Троица до него е нај тешко да се стигне и кога ќе стигнете до него ќе се воодушевите од панорамскиот поглед на околината , Манастирот Свети Никола е првиот манастир на патот кон Светиот Метеора и е основан во доцниот 14-ти век и Манастирот Свети Стефан е еден од најлесно пристапните манастири. Скалните пештери на Метеора биле населени уште од 11 век од страна на христијаните. Откриен од страна на Свети Анатасиј, денеска Метеори освен што претставува туристичка атракција за луѓето од светот, самиот комплекс успева да им помогне на луѓето. Метеори се под заштита на УНЕСКО.

Најнови патувања

цена од

159

EUR

сега од

129

EUR