Обичај во град во источна Македонија кој не сте го знаеле

Штипска Тврдина позната под името Исар која е белег на градот е средновековна тврдина сместена во западниот дел на градот Штип. Исар е карпест рид возвишен на 150 метри над нивото од река Брегалница, опкружен е со стрмни падини, на западната страна со коритото на Брегалница, а на јужната со коритото на Отиња. На самиот врв има нерамно плато, 200 м издолжено во правец север-југ, оградено со остатоци од темели на бедем, прилично добро зачуван, со неколку одбранбени кули. Според проучувањата се претпоставува дека тврдината била подигната во раниот среден век, заради одбранбените и стратегиските потреби на градот што лежел во нејзиното подножје. Штип се наоѓал во границите на Самоиловата држава, на почетокот на XIII век под бугарска власт, а веднаш потоа под управата на српскиот владетел Стефан Дечански. Турците го зазеле во 1382 година и најмалку два века во Исарот држеле воена посада. Ѕидови се градени во плочест слог залиени со многу малтер и широки се само 1,3 метри, само одделни партии се помасивни. Тврдината се состои од два дела, опкружени со одделни ѕидни појаси и тоа доврецот и стопанскиот ден на замокот.

1. Дворецот или замокот е поставен на највисокиот дел на ридот и е долг 106 метри, а широк до 20 метри. Северниот дел завршувал со триаголна кула што денес е урната. Во северниот и јужниот дел на оградениот простор се гледаат две цистерни за собирање дождовница. На средината од источниот ѕид кој максимално е урнат стои главната кула (донжон). Покрај неа, од јужната страна стоела порта за влез во замокот, а на северната страна е потпрена стражарската куќа за внатрешната порта. Низ оваа порта се влегувало од предниот двор во дворот на палатата.

2. Стопанскиот дел на замокот (цвингер) се протега на простор долг 250метри и широк 50 метри а се простира на падините северно, источно и јужно од дворецот. Поради поголема сигурност во случај на напад, две порти биле поставени бочно во насока на обѕидот. Најлесен пристап постои од север, по тесниот срт што се спушта кон реката, но на тој дел обѕидот е максимално урнат.

Тунелот, кој во минатото ја поврзувал штипската тврдина со реката Брегалница и бил користен за тајно снабдување со вода за жителите на тврдината, бил пресуден за освојување на тврдината од Османлиите, откриен е во 2009 година од штипските археолози. Со тоа се потврди нај раскажуваната штипска легенда за освојување на градот преку таен тунел под Исарот, за кој во 17. век пишувал и турскиот писател Евлија Челебија.

Во долниот дел на падините на Исар во средниот век биле изградени три цркви заштитници, кои и денес постојат на источната страна – „Св. Архангел Михаил“, на јужната „Св. Јован Крстител“ и на северната „Св. Власиј“, која е во остатоци од темели.

Штипјани, останувајќи доследни на неколку деценискиот обичај познат под името „четрсе“, секоја година на 22 март млади луѓе, оние кои се уште не ги одбрале своите животни сопатници, оние кои не ја пронашле својата љубов се искачуваат на тврдината. Искачувајќи се по пат секој од нив собира по 40 каменчиња и кога ќе дојде на врвот, 39 каменчиња фрлаат зад себе, а 40-тото каменче го оставаат в џеб и ноќта кога ќе легнат на спиење каменчето го ставаат под перница. Се вели дека младите таа ноќ ќе го сонуваат оној со кого подоцна ќе стапат во брак. А најмногу се верува дека на сите оние што на тој ден се качиле на тврдината и се фатиле за каменчињата, годината ќе им биде среќна и плодна. На слегување од Исарот треба секој да се поздрави со 40 луѓе.

Најнови патувања

цена од

159

EUR

сега од

129

EUR