Познати водопади во југоисточна Македонија

Смоларски водопад
Во нашата прекрасна земја има дури 150 водопади, податок за кој малкумина од нас знаат, едни од најубавите се наоѓаат во југоисточниот дел од државата. Смоларскиот водопад е единствениот постојан во Македонија, се наоѓа во селото Смоларе Струмичко, скриен во длабока шума на северните падини на планината Беласица, по текот на реката Ломница, на надморска висина од 650 метри. Смоларе е највисокиот водопад во државава, со висина од 39.5 метри што ќе ве фасцинираа со својата убавина. На дното од водопадот формиран е џиновски лонец чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината е 11 метри, длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.

За да стигнете до водопадот треба да искачите 600 скалила, каде што има и соодветно изградена патека со дрвена ограда која започнува од селото Смоларе и води сè до самиот водопад. Природата овој предел не се штедела и ја распослала својата убавина, овозможувајќи ни неповторлива глетка вредна за паметење. Одејќи по патеката ќе имате можност да уживате во таквата глетка и ќе можете да го слушате движењето на водата постојано додека се искачувате. Маѓијата од убавината која го одзема здивот повторно ги навраќа оние кои еднаш го посетиле овој прекрасен водопад.

Доколку сте љубител на екстремни спортови, како што е кањонскиот спорт, тогаш со потребната алпинистичка опрема може да се впуштите во предизвикот и да се спуштите по должината на Смоларски Водопад, адреналинот загарантирано ќе се покачи.


Колешински водопад
Ако продолжите да истражувате на само неколку километри, откако ќе ги поминете селата Мокрино, Мокриево и Борисово, се наоѓа селото Колешино. Во непосредна близина на селото се наоѓа и Колешинскиот водопад кој е  нешто посебно, а кога ќе дојдете на местото ќе сфатите и зошто. Колешинскиот водопад се наоѓа на северните падини на планината Беласица меѓу јаворова шума, во долниот тек на реката Баба, на надморска височина од 500 метри со височина од 15 метри и со широчина на падот од околу 6 метри, создаден во гранитни камења.

До водопадот се стигнува преку трасирани и обезбедени шумски пешачки патеки кои завршуваат на врвот на ридот од каде што почнува водопадот. Покрај патеките има клупи за одмор, овде е и дрвениот мост кој се наоѓа точно пред водопадот и овозможува поглед на истиот и на прекрасната околина која делува смирувачки за секој посетител. Во непосредна близина на Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од 2 до 4 метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив.

Колешино е единствено место во Македонија каде ќе најдете специфичен вид на папрат т.н кралски папрат, кој расте до 2 метри височина и зафаќа површина дури до 500 метри квадратни, а се користи во текстилната индустрија. Сепак најубав и најавтентичен украс за селото се прекрасните сплавови кои ги создава реката Баба, спуштајќи се од највисоките планински врвови.

Најнови патувања

цена од

159

EUR

сега од

129

EUR